Третата Бавча од Скопјето: Живели

Живели за целиот алкохол испиен за тебе,

за сите оние “кој те ебе”.

*отпива од чашата*

Живели за целото на караници потрошено време,

за сите “ваљада под боље околности пак ќе се сретнеме”.

*отпива од чашата*

Живели и за цела твоја мука,

за сите “ми фалиш, сакам да си тука”.

*отпива од чашата*

Живели за смеењето и интерните шали,

за сите “сакаш да ме заебеш, ова пак не ти пали”.

*отпива од чашата*

Живели за се шо не успеав да ти кажам,

за сите “не бе шо ти е, зашо да те лажам”.

*си дотура*

*отпива од чашата*

Живели за сите муабети у три сабајле,

за сите “уживај, нема да те заебам, не бери гајле”.

*отпива од чашата*

Живели за сите испушени цигари од нервози,

за сите “сакам кали, не сакам рози”.

*отпива од чашата*

Живели за сите вакви глупости шо уше ги памтам,

за сите “не сум злопамтило, нема да ти вратам”.

*отпива од чашата*

Живели и за текстов после којзнае колку време,

и за она “не можам веќе да носам вакво бреме”.

*пробува да дотури*

*сфаќа дека нема*

Живели за тоа шо се смеев дури и на крајот,

али јебига, ваљда се изгуби сјајот.

*отвара ново шише*

Advertisements

Третата Бавча од Скопјето: The Last Goodbye

Обично понеделничко утро. Можеби за повеќето, но не и за него. Беше пет часот, сонцето беше далеку од изгревање, а тој стоеше во кујната со пригушено светло во позадина. Очите му беа навикнати на темнината, исто како што мораа да се навикнат дека саканата ќе ја гледа само еднаш на два месеци. Но сепак, ја немаше во нив таа радост на која и самиот беше навикнат знаејќи дека за некој час ќе добие една проста, кратка порака ко “ЕЈ” што знаеше да му го направи целиот ден. Место таа радост, сега во неговите очи се беше всадила тага. Очи полни тага, ко 5ка у Петок. Онаа тага која те прави беспомошен кога солзите сами ти се тркалаат по образот, како Адел во длабокото. Ја зема шољата и го отвори кафето, а кога црпна со лажичката, се сети како нејзината ведрина беше изворот од кој црпеше енергија да ги издржи сите турбуленции и тешкотии кои се наметнуваа во неговиот живот. Но сега го немаше тоа. Се почувствува празно, го беше оставила на цедило ко Русија шо ја остаи Југославија у 99та, па солзите почнаа да капат. Не смееше да губи време, беа тоа искрени и врели солзи, а он беше заборавил да го уклучи бојлерот и немаше топла вода за кафето. Знаете како викаат, животот е кучка, она уште поголема, али треба да ја извлечеш позитивата од секоја ситуација. Кога веќе исполни пола шоља со своите солзи, почна меланхолично да го меша кафето, дур со другата рака пробуваше да се наслони на висеќето и остане на нозе и покрај се што го погоди тоа утро. Солзите не прекинуваа, а тој го покри лицето за да ги прикрие, небаре од страна го гледаа најголемите душмани и му се ситеа. Почувстува дека доколку ги собере сите исплакани солзи, би можел да снабди со питка вода едно малецко село во Африка. Или бар Неготино. Посегна по млекото и во тој момент се присети на моментите кога се течеше ко мед и млеко и уште толку го погоди. За разлика од кафето. Тоа беше можеби најлошото кафе што си го беше направил во догледно време, но јасно му беше дека денот ќе биде таков. Можеби и неделата. Во моментите кога ја зема првата голтка од кафето, како некогаш од нејзината љубов, сфати дека заборавил да стави шеќер. Зарем животот и онака не му беше доволно загорчен, се запраша. Опцу се од прво колено, па до поглавицата во Свазиленд, но ништо не можеше да ја оттргне таа тежина која се беше вселила во неговата душа. Тежина која се граничеше со тоа Јанко, Мирка и Миленко да ти го играат тешкото на гради. Се погледна во огледално, последен пат кога беше видел таков испиен лик го гледаше Мементо и Гај Пирс. Се сети на таа интерна шега што ја имаа околу внатрешната убавина, што никад повеќе немала на значење од тој момент, а сепак не можеше да се насмее. Ја запали и првата цигара тој ден, и додека отсутно блееше во неа сфати дека и таа гори за во одреден момент да изгори и стане само минато. “Се што е кратко, трае слатко.” – си помисли. Како и да е, нит цигарата беше слатка, нит љубовта кратка. А ни формулацијата правилна. Молкум си ја допуши цигарата, ја изгаси како небаре она му е крива и заслужува да на неа го истури целиот гнев и тага, па стана да се спрема. “Зошто господе јас?” извика на цел глас (rhyme intended), но сепак немаше никаков одговор со длабок глас од горе. А Богојављење беше. А можда само никој се немаше уселено у станот над него. Не знаеше, а не го ни интересираше. Го обмота шалот, ја стави капата и подзастана. Се насмеа по малку и иронично. Можеби му текна на онаа излитена шега “не те грее љубовта?”. Можеби му текна дека ако малку посилно потегне, се ќе биде решено по брза постапка. Излезе и ја затвори врата. Исто како и она кога реши да стави крај.

Третата Бавча од Скопјето: Ќе прашаш зошто?

Таман се навикнав да пишувам 2014 место 2013 кога пополнувам документи, а веќе ни пристигна 2015 (да, во Аеродром оваа година дојде во исто време како и во цела Маќедонија). И ако мислите дека ова ми паѓа тешко, тогаш би можел да ви дадам да ѕирнете и сами да се уверите какви се луѓе ми го крепат хоум пејџот на ФБ. Верувам дека и вие сте се сретнале и сте запознаени со истите нус појави на демократијата, во вид на слободнен пристап до интернет за сите и ве натерало да се запрашате… Зошто?

2015 година, а уште постојат луѓе со коли на profile picture. Зошто? (не ни пробувај да објасниш)

2015 година, а полнолетни лица уште мислат дека е шик да стаиш надимак, мафијашко име или едноставно нешто скроз безсмислено место вистинското име. Зошто? (и како?)

2015 година, а луѓе уште мислат дека шернување на слика ќе му помогне на гладно дете во Африка. Зошто? (изгледа не шернуваш доволно :(( )

2015 година,а луѓе уште мислат дека шернување на слика од Исус ќе им донесе среќа. Зошто? (и како побогу ти има тоа смисла?)

2015 година, а луѓе уште мислат дека исмевање на верници и бивање атеист од помодарство те праи супериорен и попаметен од рајата. Зошто? (и до кога?)

2015 година, а луѓе уште мислат дека ФБ е местото за објавување приватни и интимни ствари од својот живот. (да, ти шо мењаш рилејшншип статус на 2 дена, тебе ти се обраќам.) Зошто?

2015 година, а луѓе уште кликаат на вируси со руско порно и реклами од типот “VIE STE 1.000.000 KORISNIK KLIKNETE DA JA VIDITE NAGRADATA!!!”. Нема ни да прашам зошто.

2015 година, а луѓе уште ставаат цели албуми од бадникова трпеза, екскурзија во пелинце, одмор на закинтос и роденден на рипката. Зошто? (pro tip: помалку лајкови по слика имате така)

2015 година, а луѓе уште мислат дека додавање “HAHAHAHHAHAHAHAHAHAH” на крајот на статусот е неопходно за да им индицираат на пријателите дека статусот е стварно смешен. Зошто? HAHAHHAHAHAHAH (не изглеа убаво, нели?)

2015 година, а луѓе уште мислат дека е неопходно да си објаснуваат како си поминале вчера на искачање, jaвно на wall. (порано бар беше она “VIDI INBOX <3<3<3<3”) Зошто?

2015 година, а луѓе уште коментираат (читај: се расправаат ко да им е задње) на линкови постирани од портали. Зошто?

2015 година, а луѓе уште објавуваат слики од возачки, лични карти и слично, јавно на wall. Зошто? (сајбер криминал и злоупотреба на лични податоци? anyone?)

2015 година, a луѓе уште праат check-in коа идат по одмори, кафичи и слично. Зошто? (можеш слободно да допишеш дека станот е празен, а клучот е во втората саксија од лево)

Вака можеме и до утре, ама па златен Zuckerberg ни го овозможи Unfollow копчето, па не мора да навредите некој со бришење од пријатели ако ви е смучено од него. (памтите за дечкото шо си го убил другарот зашо го избришал од ФБ, така?) Вечната потрага по одговорот на овие прашања продолжува, но дур светиот фб грал останува неоткриен, нас ни преостанува да се прашуваме… Зошто?

Третата Бавча од Скопјето: Просечен текст за просечноста

Беше само уше еден просечен човек, шо се уклопуваше во просечното сивило на општеството. Мразеше отстапки од секојдневноста, тоа му носеше чувство на несигурност. Истиот кафич, истото кафе, едно шеќерче и 3-4 цигари на седнување. Секој ден го идеше истиот пат, истите кратенки, ко на земја да беа обележани стапките од првиот пат кога го поминувал. Го знаеше секој детал на маршутата, од просјакот на ќошот на пицеријата, напукнатиот излог на маркетот, обезбедувањето на банката, цените и знаците за попуст во бутикот, до веспата на оној шупакот, цел живот паркирана на сред тротоар. Ги знаеше на памет сите семафори, до степен времетраењето на жолтото светло. Секогаш се движеше со истото темпо, секогаш застануваше на истите излози, секогаш оставаше по некоја паричка на истите питачи. Возејќи се во автобус, секогаш седнуваше обратно од насоката на движење, така не ја добиваше онаа лажна надеж на идење нанапред која му беше неподнослива.

Мразеше исфорсирана желба за бидување различен кај луѓето. Ги гледаше со потсмев, но никогаш не го кажуваше тоа на глас. Знаеше да си промрчи нешо у нос, али тоа беше тоа, не беше он никаков фактор во нивниот живот за да се чувствува должен да им го каже тоа. Исто како што и самиот ги мразеше оние секојдневни совети дека треба да прави нешто надвор од зацртаното, кои секогаш звучеа исто и монотоно. Чувствуваше дека е подобро да бидеш свој, а просечен, отколку да форсираш различност за на крај да дојдеш до степен на себенераспознавање. Или барем се тешеше на тој начин, ни самиот не беше сигурен.

Сакаше да пие и да спие. Тие му беа единствените прилики за губење од секојдневната монотонија. Сакаше да сонува за големи ствари, а на крај сепак завршуваше рекапитулирајќи го изминатиот ден, со по некој додаден или одземен детал. Сигурно и во сон се превртуваше во креветот на ист начин ко и секоја претходна вечер. Пиеше често, но секогаш истата пијачка, можда со мали варијации во количината. Никогаш не беше проблематичен во пијанството, знаеше понекогаш да се насмее, али боље му идеше засмевањето на некој друг. Знаеше често да се доведе у трагикомични ситуации, на кои сабајлето не му ни текнуваше, туку му беа пренесувани од трето лице. Можда така беше и поубаво, имаа помалку тежина.

Се заљубуваше ретко, во врска влегуваше уште поретко. Му носеа непредвидливи ситуации, кои со сета сила пробуваше да ги избегне. Но дури и кога ќе влезеше, тоа беше истиот карактер, истите зборови, истите караници и разубедувања, со можеби малку сменет лик. Смешно, али колку и да ги знаеше сите оправдувања за секоја можна ситуација, никогаш не превземаше ништо околу тоа. На крајот, увек сјебан, се тешеше со истите песни и ги слушаше истите совети од другарите дека “се ќе помине и ќе дојде некоја нова што ќе ти се погоди”. Искрено, никогаш не дојде. Можеби така било пишано, али најверојатно сам ги избегнуваше таквите. Можеби потсвесно го мразеше чувството на среќа, можеби пробуваше да се заштити од разочарувањата кои следат по неа.

Можеби и веќе не е така, можеби и нешто се сменило. Али и кога би се случила таа промена, сигурно била, онака, просечна.

Третата Бавча од Скопјето: Писмо од читател

Се упознаа една летна ноќ у парк. Во позадина идеше микс од музика од сите дискотеки у паркот. Од Маракана и Хавана, преку Рингишпил и X.O., па се до далечниот Привилиџ. Се на се, звучеше ко Сузана Гавазова да го мења Честер од Линкин Парк баш вечерта коа требало да праат дует со Питбул. Со други зборови, одвратно ко помфритот од Стоилко. Сепак, ништо од тоа не сметаше да се створи некоја инстант хемија меѓу нив и покрај тоа шо никој не користеше анаболици.

“Еј, па поубава е у живо него на слики. И тоа вака, у Бетмен маичка и фармерки” – си помисли.
“Па ок, не му е толкава главата ко шо зборат. ” – си рече таа.

Нишо посебно, пар пива беа испиени у друштво и пар глупи муабети сврзани. “Колку да се дешаа нешо” ко шо одговори еден негов другар, запрашан зашо се префрлил у друг клас.

Се гледаа некое време, скришно, на јавни места. Оксиморон. Нешо ко паметно партиско војниче. Им беше интересно ваљда. Да беа шабани по дома ќе ја слушаа и онаа “Моје Љето си”. Шо би рекла една бивша негова промискуитетна соученичка, само една летна авантура.

Поминуваше времето, летото доаѓаше при крај, па мораше да даат нов термин на “тоа нешто”. Али и двајцата не беа по тоа, па остана “летна авантура”. У есен. Апсурд. Ко комуњарски кадар у државна администрација и после 8 години внатрешно македонска револуционерна организација. Дое есен. Со првите лисја, паднаа и орвите спукувања. (Поетски, а? Поздрав до мојот ментор Лајла Греј. И нејзиниот, Џеј Рамадановски) Не секогаш цветаа ружи у тој однос, али па шо има везе, сегде се дешва тоа. Плус она сакаше кали. А он појма немаше шо се тоа кали и како изгледаат, па и да цветаа немаше да примети. Како и да е, секогаш успеваа да продужат и истрпат се. Нешо ко студентине у собчињана у Гоце.

Не долго подоцна, паднаа и оние два тешки збора кои те оставаат без здив. Беа седнати на клупа у парк, ко и увек на тема некој глуп муабет, али им беше интересно. Секад. Одеднаш муабетот прекина. Ја гушна и ја баци во чело. Ае оттргна малце, доволно да ја погледне во очи и ги изговори ОНИЕ два збора. “Ти прдна?”

Паднаа тука првите солзи. Шо од смеа, шо од тага за она шо доаѓа, а богами и од неиздржливата миризба. Ко шо еднаш кажал Rowan Atkinson “Сакам прошетки на дождот, зошто тогаш никој не може да примети дека плачеш.”. Можеби човекот е у право, али ваљда он не се мрсулави коа плаче и не му се праат подочњаци ко лабава бабина сиса. Можеби требаше да му текне на тоа, али јебига.

Дојде и тој момент, коа си го кажаа и она “чао”. Он идеше да служи воен рок у Крушевац, а она остана во Скопје да поставува ролетни у Ролетар Војо. Се шалам, али вака звучи поромантично. Си ветија дека ќе си пишуваат од време на време, се дур не му каже дека се вработила у Ариљеметал и заслужува подобро од тоа што он и го нуди.

За крајот на приказната никогаш не се дозна. Остана заташкан ко атентатот на Глигоров.

Ваљда и има кажано “фала” за се што му овозможила у тие пар месеци и “извини” за сите глупи караници. Можда и она исто. Можда и продужиле коа он се вратил. Можда има живот на Марс. Можда и… нема везе.

The End

Третата Бавча од Скопјето: Без избрзана генерализација

Како прво, длабоко сочувство до фамилијата на настраданиот Ангел и сите оние што го познавале. Не можам ни да пробам да сфатам какво е чувството да се изгуби така млад човечки живот.

А сега малце осврт на сите оние наши, како што вие сакате да ги наречете, порталчиња. 

Како прво, срамно е и крајно непрофесионално да се замајува народот со истакнување на националност на убиецот, во било кој случај. Она што вие го праите за пар плус кликови на вашиот мизерен сајт, ја разгорува меѓуетничката нетрпеливост меѓу народот. И ако вас ова не ви значи ништо, само помислете на фамилијата на која ги ќарувате вашите ебани лајкови и профитирате незначајна сума, која ќе можете да си ја бутнете во шупак коа еден ден ќе ве стигне совеста за сите ефекти кои сте ги постигнале и за сите невини жртви што настрадале ради вашите моронски текстови.

И до сите вас, шо истрчавте да ги обвините “шиптарите” за бидување “диво племе”, ве молам да размислите за околностите. Се работи за одделен случај, кај што не е вмешана никаква меѓуетничка нетрпеливост или омраза. Се работи за дегенеричен чин кој можете да го сретнете често и кој не се базира стриктно на меѓуетничка база. Се работи за дегенерик или дегенерици кои решиле да одземат еден млад човечки живот ради еден ебан точак. Без разлика на националноста, вероисповест или што год било друго, одземен е живот. Зар е толку битно што убиецот бил Албанец? Зар толку ви праи разлика, да излезете и праите куршлуз низ градот и по социјални мрежи генерализирате при вреѓање?

Ќе кажам, го разбирам вашиот гнев. Али упатен е кон сасвим погрешна инстанца. Зар мислите дека сите тие албанци кои живеат у Македонија го посакале тоа? Мислите дека се ситат? Можете вие и боље. Ако ништо друго, издигнете се над тоа “диво племе” и покажете дека не сте “такви” за да обвините генерално цела етичка група ради постапките на еден. На крај краева, не бидете дел од оние политички игри за власт. Не учествувајте у оние удари под појас, со кој се служат политичарите за да извадат било каква полза од секое случување. И да, тука ви се обраќам и на вас вмровците и на вас комуњарите, зошто стварно не знам у чија полза иде оваа меѓуетничка омраза што ја стварате упорно у изминатава деценија, ама еден ден ќе зажалите за тоа. 

И за крај, ако ништо до сеа не ве натера да ги смирите страстите и да размислите трезвено, сетете се на албанчето од ГУЦ што загина бранејќи македонец од икс фаци, а едвај беше со него и на едно здраво. Сетете се на него. Детето што доаѓаше од истата околина како и убиецот денес. И размислете малце околу вашите избрзани генерализации.

А за вас порталите, се што сакам да кажам е дека се надевам дека еден ден ќе пропаднете и вашите модератори/сопственици ќе се освестат што и како истакнувате како содржина на вашите сајтови.

 

 

Третата Бавча од Скопјето: Вестта што ќе ја потресе целата државна администрација

Доцна во ноќта, во редакцијата на “Третата Бавча од Скопјето” пристигна загрижувачко писмо, од еден од нашите читатели. Имено, се работи за нашиот инаку верен читател П.О. кој сакаше токму ние да бидеме првите што ќе ја објават оваа вест. 

Се работи за лицето П.В. инаку службеник во државната администрација, кој бил пријавен за исчезнат денеска. П.В. не се појавил на работа уште од пред три дена, но на никој не му било чудо, со оглед на неговите еднодневни екскурзии до Охрид и  други македонски градови кои зачестиле во последно време. Први кои приметиле дека нешто не е во ред, биле вработените во кафиќот Барселона, на ул. Маќедонија. Според нивни кажувања, дотичниот веќе трет ден по ред како не се појавил на after work забава, што според нив било и повеќе од чудно за него. 

Последен пат П.В. е виден пред точно 3 дена, како облечен во црвена маичка со анимал принт на неа, извикува засега сеуште неразјаснети пароли кои според кажувања на очевидци звучеле како “nikuwaaaa nikuwcheeee”. Соодветните служби сеуште работат на дообјаснување на овој детал, кој го сметаат како битен во истрагата.

Колегите го опишуваат П.В. како одличен административец, кој важел за пример во својата канцеларија. Тој никогаш не го прекршил правилото за доцнење на работа, па секогаш пристигнувал со задоцнување од најмалку 2 часа. Важел и за еден од попримерните пушачи, кој никогаш не испуштил шанса да исчури една набрзака у канцеларија без прозори. Максимално се придржувал до времето предвидено за ручек и никогаш, ама баш никогаш, не се вратил на време. Според кажувањата, тој бил еден од најефикасните и најпродуктивните во својот сектор, со највисок скор на солитер и мајнсвипер, а бил и пионир во воведувањето на кенди крашот во неговата канцеларија.

Сепак, пред некое време тој многу се изменил и неговото однесување станало и повеќе од недолично. Почнал да доаѓа на време, а неговите работни задачи ги извршувал во предвидениот рок. Она што највеќе ги згрозило неговите соработници, била насмевката на неговото лице кога разговарал со клиент или друг административец. Неколку пати се пожалиле на неговото непридржување на работниот кодекс, но нажалост тоа не вродило со никаков плод.

Соодветните служби засега сеуште работат на расветлување на случајот, а низ чаршиските кулоари кружи муабет дека П.В. нашол работа во прватниот сектор, гледајќи ја државната администрација како преголем залак за човек без факултет.